Припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ се повредил при управување со мотоцикл во касарната „Илинден“, по што со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Настанот го потврди Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, повредувањето било пријавено на 19 ноември, во 14:45 часот. На местото бил извршен увид, а за случајот бил известен јавен обвинител.

„Во однос на наводите за повреден припадник на единицата, известуваме дека на 19.11.2026 г. во 14:45 часот пријавено е дека припадник на САЕ „Тигар“ се повредил при управување со мотоцикл во касарната „Илинден“. Истиот со возило на Итна медицинска помош е пренесен во КЦ „Мајка Тереза“ за укажување помош. Извршен е увид и известен е јавен обвинител“, соопштија од МВР.

Министерството не соопштува какви повреди се здобил припадникот, ниту под кои околности се случила несреќата.

Во реакцијата, МВР ги отфрла и информациите за наводни партиски влијанија при организацијата и спроведувањето на обуките на припадниците на единицата.

„Министерството за внатрешни работи ги демантира информациите за наводни партиски влијанија при организацијата и спроведувањето на обука за САЕ „Тигар““, наведуваат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека обуките се спроведуваат според утврдени процедури и безбедносни стандарди, во согласност со потребите на специјалните полициски единици.

„Категорично ги отфрламе обидите за политизација на обуките и настаните поврзани со работата на специјалните полициски единици. Сите активности во рамките на обуките се организираат согласно со утврдените процедури, безбедносните стандарди и потребите на единиците“, соопштија од МВР.

Министерството ги демантира и тврдењата дека околу 30 припадници ја напуштиле Специјалната антитерористичка единица.

„Воедно, демантираме дека наводно околу 30 припадници ја напуштиле единицата“, се наведува во реакцијата.

Од МВР не прецизираат дали во изминатиот период имало поединечни заминувања од единицата, ниту доставуваат податоци за нејзиниот бројчан состав.

Во завршницата на соопштението, Министерството наведува дека ќе продолжи транспарентно да ја информира јавноста и дека нема да дозволи непроверени информации и политички конструкции да ја нарушуваат довербата во институцијата и професионалноста на полициските службеници.

Засега нема дополнителни официјални информации за здравствената состојба на повредениот припадник.