Безживотно тело на 38-годишен маж од скопското село Љубин утрово било пронајдено на обиколницата „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци. Покрај телото било пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал починатиот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен во 6:15 часот во СВР Скопје. Полициски службеници излегле на местото и утврдиле дека станува збор за Ш.Е. (38) од Љубин.

„Од Итна медицинска помош констатирана е смрт, при што е забележана прострелна повреда во пределот на ногата“, соопшти МВР.

По наредба на јавен обвинител, телото е предадено во Институтот за судска медицина за обдукција. На местото бил извршен увид од екипа на СВР Скопје.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.