СДСМ и коалицијата со амандмани на Предлог-буџетот за 2027 година бараат поголема минимална плата од 600 евра, повеќе пари за граѓаните и за младите. Студентскиот оброк да се зголеми за 2.500 денари месечно, а студентските стипендии од 6.050 на 8.000 денари.
Предлозите ги претстави пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на прес-конференција по повод почетокот на амандманската расправа.
„Во образованието побаравме средства за зголемување на студентскиот оброк за 2.500 денари месечно, зголемување на стипендиите од 6.050 на 8.000 денари, финансиска поддршка на студентите, за регионалните центри за стручно образование и за врсничкото насилство во училиштата“, рече Спасовски.
Тој посочи дека со амандманите се бараат и средства за тековно одржување на основните и средните училишта поради недостиг на средства во блок-дотациите.
„Впрочем, она што се случуваше изминатиот период, исклучување на струјата на факултетите, на Ректоратот, на некои од училиштата, не смееме како држава да го дозволиме“, нагласи Спасовски.
СДСМ и коалицијата поднесоа вкупно 225 амандмани, од кои 64 се општи, а 161 се однесуваат на проекти за општините. Спасовски повика на аргументирана расправа во Комисијата за финансирање и буџет и побара парламентарното мнозинство да ги поддржи предлозите што одговараат на потребите на граѓаните.
„А исто така повикувам парламентарното мнозинство да биде на висината на сопствената одговорност и она што е добро за граѓаните да биде поддржано“, рече Спасовски.


















