Дебитантскиот долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“, по сценарио и во режија на Андреј Волкашин, ја имаше својата светска премиера на 17 ноември во Apollo Ki o Plaza во Талин, во рамките на натпреварувачката програма Fi st Featu e Competitio на 30. Talli Black Nights Film Festival (PÖFF).
На премиерата присуствуваа режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска. По проекцијата следеше разговор со публиката, посветен на создавањето на филмот, неговите ликови и темите за љубовта, личната слобода и општествените очекувања.
Филмот беше одлично прифатен од присутните, а во реакциите особено беа издвоени актерските остварувања на Зорица Нушева и Лео Поповиќ, авторскиот пристап на Волкашин и визуелната поетика на филмот. Интерес предизвикаа и елементите на магичниот реализам и улогата на природата во градењето на атмосферата.
„Преку приказната за Дора сакав да истражам што се случува кога љубовта ќе нè соочи со самите себе, со нашите стравови и со сè она што сме го потиснувале. Се надевам дека публиката ќе ги разбере нејзините чувства и ќе препознае дека луѓето се сложени суштества и дека секој има право да живее автентично и сам да избере кого ќе сака“, истакнува режисерот и сценарист Андреј Волкашин.
Продуцентката Елена Станишева ја нагласува комуникацијата што филмот ја воспоставува со меѓународната публика.
„За мене, како продуцентка, најголемата вредност на еден филм е неговата способност да допре до меѓународната публика и да воспостави комуникација со неа, независно од различните културни и општествени контексти. Иако во својата основа е приказна за забранетата љубов, филмот отвора пошироки прашања за изборите што ги правиме, нашите стравови, копнежи и желби, особено кога тие се во конфликт со правилата и очекувањата во кои сме воспитани и според кои живееме. Верувам дека токму во тој судир лежи неговата универзалност. Особено ми е драго што филмот предизвикува реакции, допира до публиката и поттикнува дискусија“, истакнува Станишева.
За директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, премиерата го потврдува значењето на поддршката на новите авторски гласови.
„Светската премиера во Талин е значаен чекор за Андреј Волкашин и целата екипа. Поддршката на дебитантските остварувања е вложување во иднината на македонската кинематографија, а нивното присуство во меѓународните натпреварувачки програми отвора простор за нови публики и професионални можности. Честитки до екипата за посветеноста и за ова значајно претставување на македонскиот филм. По сета работа што ја вложи екипата, овој успех е особено сладок.“, изјави Мицевски.
„Сладоста на горчливите нешта“ ја следи Дора, жена која животот го посветила на семејството. Грижата за една повредена непозната жена ја соочува со долго потиснуваните чувства и ја поттикнува да ги преиспита сопствените желби и избори.
Филмот е во продукција на „Веда Филм“, со продуцентката Елена Станишева, во копродукција со Sc ee i g Emotio s од Бугарија и Studio Co vus од Хрватска. Реализиран е со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија, Бугарскиот национален филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар и паневропскиот фонд Eu images.
















