Вчера во 20:35 часот во село Чегране, гостиварско, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар го лишија од слобода 26-годишниот Х.С. од село Чегране.
При преглед во патничко возило „мицубиши“ со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот дом, при што, исто така, била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
За време на преземањето на службените дејствија, пред домот на Х.С., со патничко возило „бмв“ со гостиварски регистарски ознаки се доближиле В.Ч.(24) и А.Н.(35), двајцата од селото Чегране, при што со возилото се обиделе да ги прегазат полициските службеници и им упатиле закани по животот, по што побегнале, но набргу, по преземени мерки, пронајдени се и лишени од слобода.
По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

















