Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека европските земји нема да прифатат воспоставување нова безбедносна архитектура на континентот само затоа што Русија или Соединетите Американски Држави го сакаат тоа, нагласувајќи дека Европа мора директно да учествува во одлучувањето за сопствената безбедност.
„Ние нема да изградиме нова безбедносна архитектура само затоа што рускиот претседател или, на пример, некој од Соединетите Американски Држави го сака тоа. Тоа не доаѓа предвид. Мило ми е што можам да кажам дека ја гледам единствената и силна позиција на Европа по ова прашање“, рече Туск, пренесува Укринформ.
Полскиот премиер, на маргините на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, нагласи дека европските земји нема да дозволат да се воспостават нови безбедносни правила без нивно учество.
„Под никакви околности нема да дозволиме никому да воспостави нови безбедносни правила во овој дел од светот над нашите глави, над главите на Полска и Европа“, рече Туск.
Неговата изјава уследи по разговорите на рускиот претседател Владимир Путин со специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, и Џаред Кушнер во Москва, за време на кои разговараа за можноста за постигнување поширок договор за европската безбедност, заедно со преговорите за завршување на војната во Украина.
За време на состанокот, Путин изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп предлага договор за безбедносниот систем во Европа, но дека европските лидери одбиваат да разговараат за тоа пред да постигнат мировен договор за Украина.
„Претседателот Трамп предлага договор за европските безбедносни инструменти како целина. А што слушаме од Европејците? Не, само кога ќе се постигне мир во Украина“, рече Путин.
Според американскиот портал „Аксиос“, Вашингтон побарал од Москва да подготви предлог за нов безбедносен договор со Европа, кој, покрај руските барања, би содржел и конкретни мерки за намалување на тензиите и гаранции дека нема да има нови воени конфликти.
Русија со години бара ограничување на проширувањето на НАТО и намалување на военото присуство на Алијансата во Источна Европа, додека европските земји инсистираат дека идниот безбедносен поредок не може да се преговара без нивна согласност.
Во исто време, американскиот претставник Џаред Кушнер објави дека Русија и Украина постигнале договор за вклучување на претставници на европските земји во следната рунда мировни преговори, иако Москва сè уште официјално не го потврдила такviot договор.
Кушнер нагласи дека трајниот крај на непријателствата бара сигурни безбедносни гаранции, јасни механизми за демаркација и меѓусебно преземени обврски за намалување на воените и политичките тензии.
Според него, вклучувањето на европски претставници би овозможило да се разговара, покрај територијалните прашања меѓу Русија и Украина, и за поширокиот систем на повоена европска безбедност.














