Демократска Република Конго регистрираше повеќе од 11.000 случаи на ебола во текот на изминатите шест месеци, при што речиси половина од заразените починале, објави денеска германската новинска агенција dpa.
Реалниот број на смртни случаи може да биде и поголем. Експертите предупредуваат дека вирусот можеби се ширел незабележано уште од февруари – неколку месеци пред епидемијата официјално да биде прогласена на 15 мај.
Еболата е тешка заразна болест предизвикана од група вируси. Таа може брзо да доведе до губење течности, воспалителни реакции, нарушувања во згрутчувањето на крвта и, на крајот, до откажување на органите. Колку подоцна ќе започне третманот на симптомите, толку е поголем ризикот од смртен исход.
Досега, еболата се проширила во осум покраини во рамките на Демократска Република Конго, како и надвор од границите на земјата. Случаи се регистрирани и во Кенија, Нигерија и Уганда.
Според здравствените власти, најтешко се погодени децата. Тие сочинуваат значителен дел од потврдените случаи, а истовремено се соочуваат и со поголем ризик од смртен исход.















