Во Германија започна третиот бран на епидемијата на Ковид-19, изјави раководителот на Институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер, додавајќи дека е многу загрижен.
И покрај спроведената вакцинација на населението во Германија, граѓаните треба да продолжат да носат заштитни маски и да одржуваат дистанца, пишува Дојче веле.
Главниот германски епидемиолог ја опиша кампањата за вакцинација како „трка против мутираниот вирус“. Во исто време, се гледа светлина во тунелот. Доколку нема проблеми со испораката на вакцина против Ковид-19, до есен 80 отсто од населението во земјата ќе стекне имунитет против коронавирусот.
– Кога тоа ќе се случи, тогаш можат да бидат укинати ограничувањата, смета Вилер.
Според него, вакцината против Ковид-19 ќе мора редовно да се дава, иако сè уште не е јасно колку често треба да се прави тоа.