„Како претседател на влада и државотворна влада, државотворен политичар се разбира сè ќе сторам за да најдам решение за проблем кој се случува во државата и нема да го игнорирам тој проблем, истото како што го правев во опозиција кога се случуваше енергетската криза кога нудев своја помош и поддршка во целиот процес и не седев настрана“, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието за Алта банка.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека влегува во процес во којшто ќе се најде решение и ќе се спасат најпрво оние вработени кои се во самата банка, а потоа и оние доверители кои се наоѓаат таму, при што додаде дека банката е ликвидна и Народната банка навремено реагираше и по книга.

„Стојам на ставот не само јас, претпоставувам и сведоците кои следат, дека оваа банка е апсолутно ликвидна банка, дека нашиот систем има механизми тоа да го одржи стабилно и дека нашиот систем во рамките на функционирањето на оваа банка ја одржал таква каква што е. Механизмите кои ги имаат на располагање во Народна банка навремено интервенираа, според сите познавачи кои ги консултирав сите тие велат дека апсолутно навреме е постапено, по книга е постапено сè со цел да се спаси ова финансиска институција“, нагласи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека со чекорите кои се направени и тие кои следат се заштитува интересот и на граѓаните и на државата и ќе се дојде до решение во кое оваа банка нема да банкротира како Еуростандард во време на СДСМ.

„Конечно ќе дојдеме на крај до решение во кое оваа банка нема да банкротира како што тоа беше случајот со Еуростандард која банкротира откако неколку дена претходно министер за финансии министер во владата на СДСМ и ДУИ си го подигна својот штеден влог, кое што преставува скандалозно нешто. Тоа е суштината во овие работи“, изјави премиерот Мицкоски.

Во однос на разговорот со гувернерот Трајко Славески премиерот Мицкоски посочи дека изминативе денови од една политичка партија се шират невистини и истото се спинува, затоа што нормално и логично е кога ќе се случи една аквизиција на една банка претседателот на Владата до дознае од Народната банка, да не дознава од медиуми.

„Јас не знам како поинаку тоа би функционирало, освен на тој начин на кој функционира еден систем. Ако не е така тогаш е стихија, а тогаш имаме навистина проблем. Не би сакал додека јас сум претседател на владата ниту една институција да има проблем. Во кое својство јас ја нудам, продавам или како се не ме нарекоа. Јас во никое својство, имам легитимитет од отприлика 450.000 граѓани кои на последните парламентарни избори ја дадоа довербата на коалицијата која ја предводам и ако на тоа се додадат гласовите на коалиционите партнери кои ги добија на парламентарните избори, тогаш доаѓаме до бројка која е над 600.000 гласа“, потенцираше премиерот Мицкоски.