Општина Ѓорче Петров организира буџетски форум на кој граѓаните ќе имаат можност да ги споделат своите предлози, идеи и приоритети за креирањето на општинскиот буџет за 2027 година.
Форумот претставува можност за отворена дискусија и активно учество на граѓаните во утврдувањето на проектите и активностите што ќе бидат опфатени со буџетот за следната година.
Во фокусот на разговорите ќе бидат потребите на населените места, унапредувањето на локалната инфраструктура, улиците, училиштата, градинките, зелените површини, како и квалитетот на јавните услуги, велат од Општината.
Од Општина Ѓорче Петров ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да земат учество, да ги изнесат своите предлози и да придонесат во утврдувањето на приоритетите за развој на општината.
Буџетскиот форум ќе се одржи во четврток (12.11.2026) со почеток во 19:00 часот, во салата на Општина Ѓорче Петров.
Целта е преку транспарентен и инклузивен процес да се слушне гласот на граѓаните и јавните средства да се насочат кон проекти и решенија што одговараат на реалните потреби на локалната заедница, додаваат од Општина Ѓорче Петров.



















