Словачкиот премиер Роберт Фицо го обвини германскиот канцелар Фридрих Мерц за уцена, откако Берлин побара договорот за финансиска помош за Украина да се поврзе со преговорите за новиот долгорочен буџет на Европската Унија, пренесува Ројтерс.
„Мора да одговориме на уцената. Имаме исто право на вето како и германскиот канцелар“, изјави Фицо.
Мерц во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, побарал сите земји членки на ЕУ да учествуваат во финансирањето на Украина, нагласувајќи дека договорот за помош на Киев треба да биде предуслов за разговори за други прашања со финансиски последици.
Според проценките наведени во писмото, на Украина во 2027 година ќе ѝ недостигаат околу 70 милијарди евра, од кои се очекува ЕУ да обезбеди 45 милијарди.
Фицо, кој подолго време се противи на европската политика за воена помош на Украина, предупреди дека Германија не може еднострано да им наметнува услови на другите членки. Тој потсети дека Словачка има право на вето, што е особено значајно бидејќи за усвојување на долгорочниот буџет на ЕУ е потребна едногласна одлука.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој настапи заедно со Фицо, предупреди дека евентуалното блокирање на буџетот би значело и блокирање на средствата за Украина.
ЕУ преговара за нов седумгодишен буџет што треба да се применува од 2028 година. Словачка, Чешка и Унгарија претходно одбија да учествуваат во заемот од 90 милијарди евра за Украина, договорен во декември минатата година.















