Полицијата, пожарникарите и екипите за итна медицинска помош од четири региони се мобилизирани по две големи сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“. Пет лица загинаа, а 10 други се сериозно повредени во две големи верижни судири на бугарскиот автопат „Тракија“ во вторникот наутро, во близина на клучката „Зимница-Драганци“ во југоисточна Бугарија, објави Бугарското национално радио (БНР), пренесе Бгнес.
Во несреќите учествуваа десетици возила, вклучувајќи автомобили, комбиња, автобуси и тешки товарни возила.
Министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, им наложи на вршителот на должноста генерален секретар на Министерството за внатрешни работи, главниот комесар Љубомир Николов, и на заменик-министерот за внатрешни работи, Калојан Калојанов, да заминат на местото на настанот.
Беше активиран бугарскиот систем за итно предупредување „BG-Ale t“.
Мобилизирани беа полициски службеници, пожарникари и екипи за итна медицинска помош од регионите Јамбол, Сливен, Бургас и Стара Загора. Обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, потврди дека пет лица ги загубиле животите.
Ангажирана е и бугарската војска за да им помогне на итните служби да стигнат до повредените.
Воениот транспортен авион „Спартан“ слета на аеродромот во Бургас и е во подготвеност за транспорт на критично повредените пациенти до болниците во Пловдив и главниот град Софија, доколку тоа биде потребно.
Од полицијата во Јамбол соопштија дека пријавата била добиена околу 07:10 часот – првично за судир со повеќе возила на 289-тиот километар во правец кон Бургас, а една минута подоцна пристигнала и пријава за втор верижен судир во лентите што водат кон Софија.
На фотографиите што ги споделија возачите се гледаат комбиња, камиони, автобуси и голем број патнички автомобили кои учествувале во несреќите.
Најверојатната причина за несреќите е густата магла во тој реон. Сообраќајот во двата правци е запрен на делницата помеѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, а со него управуваат полициски службеници. Полицијата во Сливен го пренасочува сообраќајот од автопатот „Тракија“


















