Откако министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов објави имиња на членови на ВМРО-ДПМНЕ, за кои тврди дека имаат бугарски лични карти и пасоши и ги повика да гласаат на изборите, со реакција се јави ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека ова е лага и дека се е масло на Зоран Заев.

-ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил. Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест. Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја, велат од ВМРО-ДПМНЕ, притоа додаваат:

-Но она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Каракачанов во својот facebook статус ги наведе имињата на Александар Николоски, Антонијо Милошоски, Никола Мицевски, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Љупчо Димовски, Бојан Стојановски, Иван Јорданов, Игор Здравковски, Марија Петрушевска, Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов, Александар Пандов, Филип Петровски, Петар Богојески, Стевица Јанева, Тало Груевски.