Два борбени авиона на српското воено воздухопловство пресретнаа авион на „Виз ер“, кој летал од Брисел кон Софија, откако пристигнала дојава дека во леталото има експлозивна направа. Од Министерството за одбрана на Србија соопштија дека ловците го идентификувале леталото и го придружувале до границата со Бугарија.
Борбените авиони биле испратени по известување од Контролата на летање на Србија и Црна Гора (SMATSA). Одредени единици за противвоздушна одбрана, како и силите за пребарување и спасување, исто така биле ставени во состојба на највисок степен на готовност.
Летот W64328 на „Виз ер“ безбедно слета во Софија. Бугарските власти го прегледале авионот, но не пронашле експлозивна направа. Претходно, истиот лет низ унгарскиот воздушен простор го придружувале унгарски борбени авиони.
Дојавата пристигна во период кога и други летови низ Европа се соочуваа со закани за поставени бомби. Одговорноста за заканите сè уште не е утврдена.

















