Иранската револуционерна гарда во четвртокот соопшти дека избувнале пожари на два нафтени танкери и еден брод-влекач во Ормускиот теснец. Според нивната изјава, до овие одделни инциденти дошло откако пловилата се обиделе да користат неовластени рути, пренесува Ројтерс.
Од Гардата наведоа дека еден танкер налетал на мина додека се обидувал да помине низ канал јужно од теснецот. Втор супертанкер се запалил откако отстапил од својата предвидена рута во источниот дел на пловниот пат. Во пожарот бил оштетен и еден брод-влекач, кој му се приближил на вториот танкер за да помогне во гаснењето на огнот.
Иран инсистира пловилата да се движат по одредена пловна рута долж неговиот брег. Поради сè почестите напади, сообраќајот на нафта низ теснецот е значително намален. Според податоците на компанијата „Kple “, извозот на нафта паднал на само 45 отсто од нивото пред почетокот на конфликтот – што е најниско ниво од крајот на август.

















