ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје денеска, со свечен и емотивен настан насловен „Сеќавање на Михаил Ренџов“ одбележа значаен јубилеј – 90 години од раѓањето на еден од најважните македонски поети.
Настанот, кој се одржа во холот на Библиотеката, започна со поетското читање „Симнување од крстот“, по што пред присутните со поздравно обраќање се обрати в.д. директорката на институцијата, Анета Механджијска, која истакна дека како библиотека, имаме особена одговорност да ги чуваме и да ги негуваме споменот и делото на авторите кои оставиле неизбришлива трага во македонската култура и книжевност.
За ликот, делото и непроценливото творештво на Ренџов говореа и истакнатите професори и писатели проф. д-р Владимир Мартиновски и Братислав Ташковски.
Посебен белег и исклучителна емотивна вредност на денешното чествување му даде присуството на потесното семејство на поетот. Како завршница на настанот, неговиот син, музичарот Петар Ренџов, изведе свој автентичен уметнички и музички перформанс на песни од својот татко, кој предизвика силни емоции и громогласен аплауз кај публиката.
Во рамки на програмата, актери читаа извадоци од биографијата на Ренџов, а беа интерпретирани и неговите антологиски песни „Нерези“, „Се населив тука“, „Одиме со рака фатени“, „Треба да се молчи“ и „Комета“.


















