Украина е подготвена да прифати привремени ограничувања за своите земјоделски производи по влезот во Европската Унија, но се противи на трајно исклучување од единствениот европски пазар, изјави украинскиот премиер Сергиј Корецки за „Еуроњуз“.
Неговата изјава следува откако Европската комисија минатиот месец, под притисок на неколку земји членки, предложила одредени украински земјоделски производи, меѓу кои пченицата и другите житарки, да останат исклучени од пазарот на ЕУ и по полноправното членство на Украина.
„Ја разбираме загриженоста на европските земјоделци и подготвени сме за отворен и практичен разговор. Преодните мерки може да бидат дел од процесот на проширување, но мора да се однесуваат на конкретни ризици и да имаат јасни услови за преиспитување и укинување“, изјави Корецки.
Тој нагласи дека ограничувањата не смеат да станат трајни, особено затоа што украинските земјоделци ќе мора да вложат значителни средства за усогласување со стандардите на ЕУ, додека истовремено се опоравуваат од последиците на руските напади.
Корецки најави дека целта на Киев е до крајот на годинава да ги отвори сите преостанати преговарачки поглавја, со што би се создале услови дел од нив да бидат затворени за време на литванското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2027 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
















