Во среда, заедно со извештајот за напредокот на земјите во процесот на проширување на Европската Унија, Европската комисија ќе објави насоки што содржат временска рамка и конкретни чекори за завршување на пристапните преговори на Црна Гора, која досега најмногу напредуваше на патот кон членство.
Според планот на Европската комисија, Црна Гора треба да ги затвори сите преостанати 12 преговарачки поглавја до крајот на оваа година. Планирано е шест поглавја да бидат затворени во текот на ноември, додека преостанатите шест треба да бидат затворени во декември, пренесува загрепскиот „Јутарњи лист“, кој имал увид во нацртот од документот.
Во текот на пролетта следната година треба да се заврши работата за изготвување на пристапниот договор, додека јуни е закажан како прелиминарен рок за негово потпишување, според написите.
Дотогаш, договорот треба да биде одобрен од сите 27 земји-членки на Европската Унија, како и од Црна Гора. Потоа, документот треба да се преведе на сите официјални јазици на Унијата, како и на црногорскиот јазик. Дотогаш, Европската комисија треба да потврди дека Црна Гора е подготвена за членство, додека Европскиот парламент треба да даде согласност.
Сепак, Комисијата во документот нагласува дека станува збор за привремен временски план кој не го прејудицира конечниот исход од процесот, брзината на преговорите или која било идна одлука на Советот на ЕУ, Европската комисија или Европскиот парламент, пишуваат медиумите во регионот.


















