Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“. Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество, вели претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа вели дека да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво и вели дека ваквите изјави заслужуваат најостра јавна осуда.

„Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда. Како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудувам ваквите ставови. Нашата заложба за „За една повеќе“ е токму спротивното од сè што слушнавме. За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева“, вели Митева.

Според неа, ова е прашање на елементарни цивилизациски вредности. Вели дека нема место за вакви сфаќања и нема простор за молк, ниту за релативизирање.

„Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување. Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството“, вели Митева.