Премиерот, Христијан Мицкоски, најави продлабочување на економската соработка со Германија со цел, како што кажа повеќе инвестиции и повисок БДП.
„Денеска во Бон имавме навистина успешна и, би рекол, прилично динамична агенда. Денот го започнавме со состаноци во рамките на компанијата Германски Телеком, којашто е присутна и кај нас, на македонскиот пазар, неколку децении. Она коешто денеска го разговаравме со главниот директор на Дојче Телеком се нивните потенцијални дополнителни инвестиции во Македонија, на македонскиот телекомуникациски пазар, но тука не се ограничивме. Зборувавме и за потенцијални инвестиции на Германскиот Телеком во други области како што се здравството, паметната технологија и друг тип на индустрии коишто ќе донесат голема додадена вредност за македонската економија и на тој начин ќе го зголемат присуството на Германскиот Телеком во Македонија, но и во регионот“, рече Мицкоски, кој е во посета на Германија.
Тој кажа дека имал состаноци и со Германската стопанска комора и нејзини претставници во рамките на посетата во Бон. На состаноците биле присутни голем дел од фирмите коишто имаат свои инвестиции во Македонија, но и оние фирми коишто имаат своја амбиција да инвестираат во Македонија.
„Разговаравме за досегашните нивни искуства, како да ги направиме нивните инвестиции поуспешни, но истовремено зборувавме и за зголемување на нивните инвестиции, капацитети, со што исто така би се зголемил и бруто-домашниот производ на македонската економија. Се на сѐ, навистина успешен ден овде во Германија, во Бон, и сето она коешто денеска го разговаравме, се разбира, ќе има дополнителна додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните во Македонија. Голем поздрав од Дизелдорф и продолжуваме утре со нашата посета во Германија“, рече Мицкоски.

















