Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров оцени дека нема реален напредок во односите меѓу Русија и САД, и покрај неговото учество на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта, јави германската новинска агенција ДПА.
„Во пракса, досега не е забележан никаков реален напредок во односите со САД“, изјави Лавров синоќа.
Тој предупреди да не се негуваат илузии во врска со договорот за дизел-горивото, кој предвидува привремено укинување на одредени санкции за да се овозможи набавка на руско гориво и да се влијае врз намалувањето на цените на бензинските пумпи.
Лавров изрази незадоволство што, како што рече, суштинските прашања остануваат нерешени, а санкциите воведени од поранешниот американски претседател Џо Бајден продолжуваат да се спроведуваат и од актуелната администрација. Дополнително, според него, се воведуваат и нови санкции против руските нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“.
Говорејќи за најавените трилатерални разговори меѓу Украина, САД и Русија, Лавров рече дека преговарачките позиции се јасни. Според најавите од Кремљ, делегациите планирале кон средината на ноември да се сретнат во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, за да ги продолжат разговорите за можно мировно решение, кои беа прекинати пред неколку месеци.
Лавров упати критики и кон германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадепул, поради неговата реакција на вообичаената заедничка фотографија на министрите од состанокот на Г20. Фотографирањето на учесниците во Атланта беше откажано, откако германскиот министер изјави дека не сака европските партнери да бидат фотографирани заедно со Лавров.
„Јас тоа го нарекувам дипломатија на семејни фотографии. Ако најважното нешто за нив е како изгледаат на една заедничка фотографија и кој стои до нив, тогаш тоа кажува сè“, изјави Лавров, пренесува ДПА.

















