Владата на ВМРО одби да го прифати амандманот за финансиска поддршка на Сојузот на борците, со кој се бараа два милиони денари за непречено функционирање на организацијата и зачувување на традициите на Народноослободителната борба.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во своето обраќање во Собранието посочи дека ова е истот амандман што се поднесува при секој буџет и ребаланс, но и покрај претходните ветувања, Сојузот на борците сè уште нема добиено финансиска поддршка од државата.

„Досега Сојузот на борците нема добиено ниту еден денар од државата за да можат да функционираат нормално, за тоа што имаат како цел и задача. Не може и не е прифатливо само да се повикуваме на антифашизмот, на сè тоа што е придобивка и вредност и вградено во темелите на оваа македонска држава, само декларативно. И треба да направиме некаков чекор којшто ќе допринесе таа положба на Сојузот на борците и на почитувачите од редот на граѓаните да може да продолжи и понатаму да опстојува“, рече Спасовски.

Спасовски посочи дека е изненадувачки што оние кои се повикуваат на антифашизмот и левичарските вредности да не преземаат конкретни чекори за поддршка на Сојузот на борците.

„Но, сум изненаден од таканаречените антифашисти, од оние коишто се дел од владата и коишто се повикуваат секој ден на антифашизмот, да не можат да направат еден чекор кон подобрување на оваа позиција“, истакна Спасовски.

Тој потенцираше дека бараните средства не претставуваат голем финансиски товар за државниот буџет, но се значајна поддршка за опстојувањето на организацијата, која има важна улога во зачувувањето на историското сеќавање и вредностите на Народноослободителната борба.

„Тоа е моментот низ којшто се роди современата македонска држава и мислам дека заслужува респект и почит“, порача Спасовски.