Општина Крива Паланка го објави јавниот повик за пријавување интерес за изнајмување новогодишни куќарки во рамки на новогодишниот базар, кој ќе се одржува на Градскиот плоштад од 1 декември 2026 до 10 јануари 2027 година.
Во пресрет на празниците, плоштадот ќе понуди простор за празнични вкусови, уникатни подароци и дружење, а локалните бизниси, производители и креативци ќе имаат можност со својата понуда да ја збогатат новогодишната атмосфера во градот, велат од Општина Крива Паланка.
Повикот е наменет за сите заинтересирани угостители, занаетчии, трговци и локални производители, кои можат да пријават понуда со следните содржини:
• Топли пијалаци – кафе, чај, топло чоколадо и варено вино.
• Слатки задоволства – палачинки, вафли, мини крофни, медењаци и новогодишни колачиња.
• Храна и домашни специјалитети – колбаси, хот-дог, скара, сендвичи, печива, зелник и мекици.
• Зимски вкусови – печени костени, пуканки и јаткасти плодови.
• Локални производи – мед, слатко, џемови и чаеви.
• Подароци и украси – ракотворби, сувенири, накит, свеќи, новогодишни декорации и персонализирани подароци.
• Детска понуда – играчки, сликовници, креативни сетови и новогодишни пакетчиња.
Добредојдени се и други предлози за содржини соодветни на новогодишниот базар, кои ќе придонесат за разновидна и привлечна празнична понуда.
Пријавувањето интерес се врши во Одделението за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Крива Паланка. Заинтересираните треба да наведат име на фирмата или излагачот, податоци за контакт и краток опис на производите и содржините што ги нудат.
Општина Крива Паланка ги охрабрува локалните бизниси, производители и креативци да ја искористат можноста за промоција и продажба на своите производи и да бидат дел од празничната приказна во срцето на градот, се додава во соопштението.


















