Јавната администрација е оперативниот мотор на државата, а нејзината сила се мери според способноста да решава проблеми, да презема одговорност и да испорачува резултати. Ова беше пораката на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на Министерскиот панел во рамки на меѓународната конференција „Косово ПАР 2026“ во Приштина.

Тој истакна дека реформата на јавната администрација подразбира суштинска промена во функционирањето на институциите, од бирократски процедури и формално исполнување обврски кон професионално работење, јасни правила и мерливи резултати за граѓаните.

„Со реформите во Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор воспоставуваме систем во кој професионалноста, компетентноста и одговорноста ќе бидат мерило за сечија работа. Оние што работат квалитетно, покажуваат посветеност и постигнуваат резултати мора да бидат препознаени и соодветно наградени, но исто така, оние што не ги исполнуваат работните обврски и не ги оправдуваат очекувањата мора да сносат соодветни последици. Не може да бараме ефикасни институции без јасни критериуми и без систем во кој секој административен службеник знае дека неговиот труд ќе биде вреднуван, а неговото непрофесионално работење нема да биде толерирано. Само така градиме администрација во која заслугите се наградуваат, а неодговорноста има последици“ порача Минчев.

Додаде дека професионализацијата на раководните позиции и функционалното организирање на институциите се следните клучни алки во реформскиот процес.

Со примената на законската рамка за високи раководители, започната на 1 октомври 2026 година, рече Минчев, се зајакнуваат основите за професионално и одговорно управување, додека подготовката на новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) е насочена кон појасни надлежности, отстранување на преклопувањата и подобра координација.

„Државата не смее да губи енергија во институционални преклопувања и нејасни одговорности. Секоја институција мора да има прецизно утврдена улога, а секоја одговорност мора да има носител. Само така создаваме систем што работи во интерес на граѓаните, а не граѓаните да се приспособуваат на слабостите на системот“ истакна министерот.

Како важен инструмент за професионализација на администрацијата, Минчев го посочи почетокот на работата на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, планиран за јануари 2027 година. Академијата ќе овозможи континуирано унапредување на стручните знаења, развој на лидерските компетенции и јакнење на професионалните капацитети. Целта е знаењето да стане двигател на институционалниот напредок, а професионалниот развој, директна инвестиција во поквалитетно управување и резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат.

„Учеството на „Косово ПАР 2026“ ја потврди важноста на регионалната соработка и размената на искуства во спроведувањето на реформите. Сепак, вистинскиот успех не се мери со бројот на донесени закони или спроведени активности, туку со промените што граѓаните ги препознаваат во секојдневниот контакт со институциите. Професионалноста ги движи реформите, јасните правила го зајакнуваат системот, а конкретните резултати ја градат довербата. Тоа е насоката на Министерството за јавна администрација, администрација што не ја забавува државата со непотребни пречки, туку ја придвижува напред со знаење, ефикасност и одговорност“, соопштија од Министерството.