Тања Брковска, тренер за личен развој, неодамна објави мотивациски прирачник насловен „За сечие дете“, достапен во продажба во „Или-Или“, а во издание на „Трансформација“. Зошто ни се неопходни вакви прирачници?

Кому се обраќате преку прирачникот „За сечие дете“ и кои се главните поенти од кои може да научиме?

– Самиот наслов е размислен да нè поттикне на размислување. Со „За сечие дете“ сакам да се обратам на сите оние кои се нечии деца, а тоа сме всушност сите ние. Сите ние сме нечии деца. И вашето дете и вие и вашите родители и родителите на нивните родители. Во него се сублимирани сите нешта кои мене ми помогнаа да го променам начинот на размислување, сите нешта што ми го променија начинот на делување и преземање чекори и ме донесоа до среќа и спокој. Главната поента е соочувањето со фактот дека животот минува, без оглед дали го живееме по сопствена желба и креација или под притисок на околината и околностите. Дека имаме само еден живот во кој навистина треба да се насочиме да го живееме сегашниот миг, бидејќи нема надеж за подобро минато, ниту пак треба да се грижиме за нешто што можеби воопшто нема да се случи во иднина. Ова што сега го живееме не е генерална проба, ниту пак ќе имаме можност за реприза. Во него се опфатени повеќе теми како што се: емоции, комуникација, самодоверба…, низ кои поминувам многу суптилно.

Моментот во кој ќе се освестиме дека наш е изборот дали животот ќе го исполниме со години или годините ќе ги исполниме со живот е клучен.

Кога го пишував, се надевав дека секој што ќе го прочита прирачникот, ќе доживее еден „а-ха“ личен момент, што сега ми се потврдува од сите оние кои на мое огромно задоволство се негови читатели.

Сакам да им порачам на сите жени да се сакаат себеси, да веруваат во себе и во своите квалитети, да бидат благодарни за сите искуства и за сè што имаат, да научат да простуваат и најважно од сè, да бидат и да шират љубов.

Велите дека во целиот прирачник е содржан вашиот живот. Вашиот живот, во минатото, не бил „лесна песна“, рано сте го загубиле сопругот, сте минувале низ емотивни и финансиски проблеми. Излегувајќи како победник од тешките ситуации, која е најважната лекција што ја научивте и која сакате да им ја пренесете на другите жени?

– Секој од нас има сопствен пат и на него многу раскрсници, понекогаш е тешко да се направи вистинскиот избор, понекогаш каков и да бил би го избрале истото, повторно и повторно. Така е и со мене, задоволството и благодарноста тој човек да биде дел од мојот живот се веќе многу посилни од болката што го нема. Пораката која би сакала да допре до сите жени е да се сакаат себеси пред сè, да веруваат во себе и во своите квалитети, да бидат благодарни за сите искуства и за сè што имаат, да научат да простуваат и најважно од сè, да бидат и да шират љубов.

Како тренер за личен развој се соочувате со различни проблеми кај нашата жена. Што според вас, најмногу ја мачи денес нашата жена и за што треба да се избори?

– Најпрво зборот проблем би го заменила со предизвик. Проблемот нè влече енергетски надолу, а предизвикот нè поттикнува да одиме напред. Можеби со промените во животот треба да започнеме со промена на терминологијата што ја користиме.

Секоја од нас во одреден период од животот се соочува со многу различни предизвици. Како што минуваат годините и се стекнуваме со одредено животно искуство, сфаќаме дека одредени предизвици кои биле „страшни и ненадминливи“ станале споредни и незабележливи. Секоја возраст носи своја доминантна тема со која треба да се соочиме. Но она за што треба да се избориме, она што треба да го постигнеме e да го откриеме своето автентично „јас“. Да го откриеме своето „зошто“ и најважно од сè, ние да сме на прво место во нашиот живот. Toa не е себичност, тоа е единствениот начин да бидеме најдобри за сите околу нас. Ќе ви кажам само пример, а вие сами одлучете дали сум во право. Кога летаме со авион, инструкциите на стјуардесата велат, во случај на намалување на нивото на кислород во кабината, ќе паднат маските за кислород над секој од вас. Прво, ставете маска на себе, па потоа на вашето дете, помогнете на тие околу вас… Бидејќи ако детето е мало или исплашено, ако нему прво му ставите маска ќе ја тргне, а вие нема да имате време да ја ставите својата. Размислете за ова и сами одлучете како ќе одите понатаму низ животот.