Словенечкиот премиер Јанез Јанша беше пречекан со свирежи и извици од демонстранти за време на неговиот говор на државната прослава по повод Денот на суверенитетот во Копер, објави Н1 Словенија. Поради напнатата атмосфера, мораше да интервенира и полицијата, која ги предупредуваше демонстрантите да не ја попречуваат манифестацијата, а беа забележани и вербални конфликти меѓу нив и граѓаните кои дошле да ја поддржат прославата.
Во обраќањето, Јанша порача дека словенечката независност е резултат на долгогодишна борба за јазикот, идентитетот и опстанокот на народот. Тој оцени дека по осамостојувањето Словенија била на добар пат да стане „втора Швајцарија“, но дека потоа следувале години на пропуштени можности. „Словенија денес е безбедна, а безбедноста е главниот предуслов за стабилност и економски развој“, рече Јанша, наведувајќи ги јасната политичка цел, единството на граѓаните, навремените одбранбени подготовки, добрите разузнавачки информации и мотивираноста на словенечките сили како клучни фактори за победата во војната за независност.
Прославата во Копер се одржа по повод 35-годишнината од заминувањето на последните војници на Југословенската народна армија (ЈНА) од Словенија. Во ноќта меѓу 25 и 26 октомври 1991 година, последната воена единица на ЈНА го напуштила пристаништето во Копер.
На настанот не присуствуваше словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, ниту претставници на опозициските партии. Пирц Мусар претходно го откажа присуството поради несогласувања со потезите на владата, меѓу кои и преименувањето на празникот, на што се противат и опозициските партии „Слобода“, „Левица“ и СД.



















