Бугарскиот бизнисмен, поранешен европратеник и некогашен европски првак во теквондо, Слави Бинев (60), е убиен утрово во својот дом во софиската населба Павлово. Полицијата привела три осомничени лица, соопштија бугарските власти.
Според бугарскиот весник „Дневник“, полицијата добила пријава за случајот околу 10:20 часот по локално време. Бугарските медиуми објавија дека Бинев бил застрелан, а тројцата осомничени биле приведени на автопат. Според информациите, тие биле вооружени.
„Дневник“ наведува дека осомничените го познавале Бинев и дека е можно убиството да е поврзано со финансиски спор. Засега, овие информации не се официјално потврдени како мотив за злосторството.
Ова е второ убиство на бизнисмен во Бугарија во последниот месец.
Бинев беше познат и по спортската кариера. Во 1992 година ја освои титулата европски првак во теквондо на Отвореното европско првенство во Цеље, Словенија. Подоцна беше и претседател на Бугарската теквондо федерација, а се занимаваше и со политика, како поранешен пратеник во Европскиот парламент.


















