Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која престојува во Будимпешта по повод одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956, утрово се сретна со претставници на македонската дијаспора.

На средбата присуствуваа истакнати лица од областа на бизнисот, науката, образованието, информатичките технологии, како и студенти.

Тие ја запознаа претседателката со нивната улога и ангажман во општествениот живот на Унгарија, како и со актуелната состојба во земјата.

Соговорниците изразија желба за јакнење на македонско-унгарските односи. Дадоа предлози за промоција на државата пред унгарската јавност и подобро меѓусебно културно запознавање, посебно акцентирајќи ги можностите за развој на туризмот. Тие укажаа на потребата од отворање на културни центри во обете држави.

За Сиљановска-Давкова, континуираната комуникација со дијаспората, преку македонските дипломатски претставништва е особено важна за соработката и афирмацијата на татковината.

Претседателката изрази задоволство од етаблираноста и препознатливоста на малубројната македонска дијаспора во унгарското општество.

Таа укажа на важноста на културната дипломатија и ја поздрави нивната посветеност и активност врзана за негувањето на македонскиот јазик, култура и традиција.