Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на Мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави, на која се разговараше за клучните реформски приоритети во правосудството и можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка.
Стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува силна поддршка за реформската агенда на Министерството за правда, особено во зајакнувањето на владеењето на правото, унапредувањето на правосудниот систем и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Американската експертиза и институционална поддршка имаат особено значење за спроведување суштински реформи што ќе обезбедат поефикасни институции, поголема правна сигурност и конкретни резултати.
Посебен акцент на средбата беше ставен на реформата на кривичното законодавство. Министерот Шасивари ја истакна потребата од користење на американското искуство и експертиза во овој процес, со цел создавање современи и ефикасни законски решенија што ќе придонесат за поуспешно спречување и санкционирање на корупцијата и криминалот.
Во фокусот на разговорите беа и дигитализацијата на правосудниот систем, законодавната агенда и зајакнувањето на институционалните капацитети, како клучни сегменти на реформскиот процес.
Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка од САД, особено за придонесот во јакнењето на институциите и борбата против транснационалниот организиран криминал.
Конкретен резултат од ова партнерство е започнатата реализација на проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги, финансиран од Бирото за меѓународни прашања за наркотици и спроведување на законот (INL) при Стејт департментот на САД.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката преку конкретни проекти, експертска помош и размена на искуства, со цел обезбедување одржливи и мерливи резултати од реформите.
За Министерството за правда, стратешкото партнерство со САД е повеќе од институционална соработка. Тоа е значајна поддршка за реформска агенда чија крајна цел е функционално, независно и ефикасно правосудство, во кое законите доследно се применуваат, институциите ја преземаат својата одговорност, а граѓаните имаат доверба во правдата.
















