Лекар од итната медицинска помош предупреди дека популарните големи штипки за коса можат да предизвикаат сериозни повреди на главата при сообраќајни несреќи.

Лекарот, познат на социјалните мрежи како д-р Џо, објави видео на Инстаграм во кое објаснува дека во својата практика се сретнал со пациентки кај кои штипките се забиле во скалпот при судир.

„По сообраќајни несреќи сум вадел неколку вакви штипки од главите на жени. Кога еднаш ќе се забијат под кожата, нивното отстранување може да биде вистински кошмар“, предупреди тој.

Особено опасни, според лекарот, се металните штипки. Тој раскажа за пациентка која при сообраќајна несреќа носела метална штипка и добила фрактура на черепот и крвавење во мозокот.

Проблемот е што штипките најчесто се поставени на задниот дел од главата, каде што при судир можат да бидат притиснати меѓу главата и потпирачот на седиштето.

Лекарот советува штипките да се отстрануваат пред возење и наместо нив да се користат помеки додатоци за коса.