САД се согласија со условите наведени во иницијативата на Иран наречена „седумдневен план“, но побараа додавање на неколку клаузули, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Во исто време, Аракчи потврди дека дипломатските контакти меѓу двете страни продолжуваат.
„Претходно, на американската страна ѝ презентиравме иницијатива наречена „седумдневен план“, во која јасно ги наведовме нашите услови. Ормускиот теснец требаше целосно да се отвори на шестиот ден од тој период. Американците нè информираа дека ги прифаќаат тие услови, но сакаа да додадат уште неколку клаузули“, рече Аракчи во интервју за ирачката телевизиска мрежа „Ал Екбарија“.
Објаснувајќи ги причините за оваа иницијатива, шефот на иранската дипломатија изјави дека Техеран сака да го задржи патот на дипломатијата отворен, под услов другата страна да ги исполни своите обврски, пренесува „Ирна“.
Како што тврди Аракчи, Вашингтон, а не Техеран, го спречува напредокот и според него, САД треба да ги спроведат условите на кои претходно се обврзаа.
„Доколку ги исполнат овие услови, треба да знаат дека теснецот ќе биде целосно отворен, по што ќе продолжиме со преговорите додека не се постигне конечен договор“, рече тој.
Одговарајќи на прашања за тензиите околу Ормускиот теснец и наводите за вмешаност на Иран во настаните во Црвеното Море, министерот за надворешни работи отфрли каква било поврзаност меѓу Техеран и тие настани.
„Прашањето за Црвеното Море и настаните што се случуваат таму немаат апсолутно никаква врска со нас и имаат свои специфични околности“, рече тој.
Аракчи повтори дека Ормускиот теснец нема да биде целосно отворен за сите додека не се постигне договор, нагласувајќи дека Вашингтон мора да ги прифати условите на Иран за премин на бродови и пловила.
Тој предупреди дека дотогаш, поморскиот сообраќај низ теснецот и постојните правци ќе се соочи со тешкотии, пренесува Танјуг.



















