Во новото издание на шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Харалд Шенкер, директор на граѓанската организација Пропис, кој со години живее и работи во Северна Македонија. Тие зборуваа за улогата на независната културна сцена во општеството, потенцијалот на уметноста за поттикнување интеркултурен дијалог и градење мир, како и предизвиците за унапредување на односите меѓу заедниците.

Шенкер нагласува дека културата и уметноста имаат значајна општествена улога и можат да придонесат кон разбирање и соработка, иако не можат сами да ги решат сите општествени проблеми. Тој упати порака до властите да ја поддржат независната културна сцена без политичко мешање, посочувајќи дека нејзината автономија е важна за нејзиниот развој и за општеството во целина.

„Мислам дека културата воопшто и уметноста посебно се многу битни за општеството. Тоа можеби не го мислат сите политичари, но тие можат да ги пренесат нашите пораки, кои се поврзани со градење мир во најширока смисла на зборот. […] Јас мислам дека држава, односно општество без силна културна сцена е болно општество. Затоа, поддржувајте ја независно, без да се мешате.“, вели Шенкер.

Осврнувајќи се на интеркултурниот дијалог и на состојбата 25 години по Охридскиот рамковен договор, Шенкер оценува дека општеството значително се променило, но остануваат нерешени прашања и недостиг од доследна примена на законите. Според него, покрај соодветните институционални инструменти, неопходна е и политичка волја, а за намалување на тензиите е важно да се деескалираат јавните наративи.

Шенкер зборуваше и за потребата од оптимизам и напредок, и покрај сериозните предизвици со кои се соочува земјата. Тој предупредува дека нефункционалните институции и економските тешкотии бараат работа на повеќе полиња истовремено, како и капацитет и волја за промени.

„Многу работи не функционираат во општеството, институциите не функционираат, економијата е тоа што е. Значи, мора да се работи на толку места истовремено, а прашањето повторно е за капацитет и за волја. Алтернатива не гледам. Алтернативата е општество кое колабира многу, многу бавно, а мислам дека никој од нас не сака да го живее тоа, особено младите“, смета Шенкер.

Погледнете го и слушнете го видео-шорткастот „Интеркултура“ со Харалд Шенкер, директор на организацијата Пропис, во разговор со Роберт Алаѓозовски за независната културна сцена, интеркултурниот дијалог и перспективите за општествени промени.