Американскиот пратеник Стив Виткоф денес се среќава со рускиот претседател Владимир Путин, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Норвешка. Претставник на САД ги опиша овие разговори како „конструктивни“, додавајќи дека Украина изнела нови идеи и предлози за време на средбата во Осло.
Во Осло беа присутни и лидерите на Норвешка и Финска, како и претставници од Европската унија и НАТО; учесниците постигнаа „значаен напредок“ кон заеднички пристап за преговорите со Русија, пренесува „Гардијан“.
Целта на мисијата на Виткоф е да „создаде пат кон директни трилатерални и пошироки мултилатерални преговори“. Вчера, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина да постигне договор за ставање крај на војната. „Украина мора да сака да ја реши оваа војна“, им рече Трамп на новинарите.
Зеленски отпатува во Осло во обид да ги подобри односите со Вашингтон, кои значително се влошија. Неодамнешните потези на Трамп во однос на Москва – вклучително и договорот за купување руски дизел и укинувањето на одредени санкции – наидоа на противење во американскиот Конгрес и предизвикаа загриженост во Европа. Зеленски изјави дека разговарал за безбедносни гаранции слични на членот 5 од договорот на НАТО, според кој напад врз една членка претставува напад врз сите.
„И благодарам на американската страна за потврдата дека овие гаранции ќе бидат цврсти“, изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
















