Кристина Аплгејт се врати во својот подкаст „MeSsy“ со шокантни вести. Во вторникот, Аплгејт и нејзината ко-водителка Џејми-Лин Сиглер објавија две нови епизоди во кои продолжуваат отворено да зборуваат за своите искуства со мултипла склероза.
Но, 54-годишната актерка низ солзи откри во епизодата со која се вратија, дека се повлекла од јавноста за да ги обработи новите информации што ги добила од лекарот – таа всушност нема мултипла склероза, пишува „People“.
Во втората епизода, на актерките им се придружи д-р Марва Кејси, вонреден професор по неврологија во Медицинскиот центар „Ceda s-Si ai“. Таа објасни дека погрешните дијагнози за мултипла склероза се прилично чести, бидејќи не постои единствен тест за оваа болест. „Тоа не е како тест за бременост кој јасно покажува ‘да’ или ‘не’. Постои цела низа критериуми“, рече Кејси.
Таа наведе дека кај речиси 20 отсто од луѓето на кои им била дијагностицирана МС, се испоставува дека тие всушност не боледуваат од таа болест.
„Речиси еден од пет луѓе на кои им било кажано дека имаат МС – некои дури и со децении – всушност ја немале болеста. Повеќето од нив земале лекови за третман на болеста.“
Во вториот дел од подкастот, таа повторно стана емотивна. „Поминав низ тешка депресија поради сè што се случи. Изгубив сè. Ја изгубив работата. Изгубив… извинете. Што да му кажете на некој што живеел со ова шест години – Боже, навистина ми е жал – бидејќи тоа ми го запре животот? Сè уште морам да користам инвалидска количка кога одам на лекар. Не можам да пешачам од автомобилот до ординацијата. Сè уште сум во таа ситуација. Не се случи ништо магично кога таа рече: ’Немате МС‘. Ништо.“
„Тоа е чудно чувство, бидејќи станавме симбол за МС. Сè што правев имаше смисла. Имав, по ѓаволите, причина зошто секој ден беше ужасен. А сега немам причина, и тоа е навистина вознемирувачки и збунувачки.“
Аплгејт изјави дека сè уште е во шок поради погрешната дијагноза и ја опиша целата ситуација како целосен хаос за психата. Таа сега на својата здравствена борба гледа како на „истата игра, само под друго име“.















