Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска објави дека се набавени 100 нови амбулантни возила.

„Јас би сакал уште еднаш да посакам да што помалку се користат овие возила. Се разбира, колку помалку се користат тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи коишто треба да се третираат со овие возила. Но, онаму каде што е потребно убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно имајќи ја предвид опремата којашто ја поседуваат овие нови возила, 100 на број“, рече Мицкоски.

Тој зборуваше и за состојбите во здравството.

„Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени, но она коешто е задача на оваа Влада е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање, не е сè решено со овие 100 возила, се разбира можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сè решено“, рече Мицкоски.

Тој потсети дека во изминатите 27-28 месеци се набавени 120 нови возила за Министерството за внатрешни работи, стотина возила за „Пошта“, 53 возила во општините за чистење и најави дека многу скоро од денеска ќе има и нови 150 електрични автобуси коишто ќе бидат распределени низ градовите во Македонија.

„Сето ова можеби навидум не изгледа нешто многу големо и значајно но верувајте оној момент кога тоа ќе ви биде потребно сето ова коешто ние денеска го правиме и коешто го обезбедуваме ќе биде и те како значајно кога тоа ќе ви биде потребно, бидејќи до сега тоа го немало“, рече Мицкоски.

Премиерот најави и инвестиции во здравството.

„Има многу за инвестирање, не можеме се да решиме можеби во еден цел мандат на една влада, но она коешто планираме во периодот којшто следи, а којшто веќе заедно со нашите партнери, финансиски институции го завршуваме во делот на здравството во преговорите, тоа се проектите коишто здружено Светска банка и Европската инвестициска банка ќе ги финансираат, а тоа е конечно Клиничкиот центар, односно клиничката болница во Штип, Здравствениот дом со проширена дејност Кичево и клиничката болница во Тетово. Очекувам според последната мисија на Светска банка и Европската инвестициска банка, одобрување и формално да имаме некаде кон крајот на првиот квартал од следната година за финансирање на овие проекти. И ако биде се како што треба, веднаш потоа да биде објавен и тендерот, и ако биде се како што треба, очекувам првиот проект од овие проекти да почне да се реализира некаде таму крајот на вториот, почетокот на третиот квартал од следната година“, рече Мицкоски.