Платформата „Vi ted“ објави дека ги отстранила огласите за предмети за кои постои сомневање дека биле украдени од продавници за време на немирите што избувнаа во Франција минатиот викенд. Компанијата, која овозможува препродажба на половна стока, изјави дека по немирите „веднаш презела мерки за идентификување и отстранување на огласите поврзани со грабежите“.
За време на немирите минатиот викенд, во продавници во неколку француски градови било провалено, по што тие биле ограбени. „Продажбата на украдена стока, како и барањето на такви предмети, е строго забранета на Vi ted; имаме политика на нулта толеранција во тој поглед“, изјави портпарол на компанијата.
Во Париз, Марсеј, Лил и други места беа пријавени масовни грабежи, откако протестите прераснаа во немири. Уапсени се најмалку 1.200 лица.
Биле забележани групи луѓе – од кои некои носеле маски и фантомки – како палат автомобили и згради, но и како ограбуваат продавници. Се чини дека оние што ја украле стоката сега се обидуваат што побрзо да ја продадат.
„Уште од викендов, нашите тимови презедоа итни мерки за идентификување и отстранување на огласите поврзани со измами, а исто така го засиливме и следењето на сомнителните огласи. Кога ќе дојде до прекршување на нашите правила, преземаме мерки против вклучените кориснички сметки, вклучително и трајно исклучување од платформата“, потврдија од Vi ted за Би-би-си.
Компанијата соопшти дека соработува со француските власти и полицијата и ги прилагодува своите „процедури за откривање и борба против нови ризици и злонамерно однесување“.
Ројтерс известува дека луксузните продавници и бутици на парискиот плоштад Вандом се затворени и опкружени со обезбедување. Сепак, според Ројтерс, голем број продавници во француската престолнина, вклучувајќи ги Диор, Ролекс, Луј Витон и Ралф Лорен, имаат оштетени фасади.
Фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј објави дека неговата официјална продавница на главната историска авенија во Марсеј е ограбена. Клубот ја затвори продавницата, како и Лил, друг клуб од француската Лига 1, кој објави дека неговата клупска продавница ќе остане затворена до понатамошно известување.

















