Роб Јетен и неговиот партнер, Николас Кинан, на социјалните мрежи објавија дека наскоро ќе станат родители.
Холандскиот премиер Роб Јетен – кој на 38-годишна возраст стана најмладиот премиер во историјата на земјата – сподели на социјалните мрежи дека тој и неговиот партнер го очекуваат своето прво дете, зачнато со помош на сурогат-мајка и донаторка на јајце-клетка.
„Ни доаѓа некој навистина посебен. Се гледаме во 2027 година, малечок. Не постојат доволно големи зборови за да ја изразиме нашата благодарност кон донаторката на јајце-клетката, нашата сурогат-мајка Лиса и нивните семејства. Без вас, ништо од ова немаше да биде возможно“, напиша Јетен на својот профил на Инстаграм, придружувајќи ја објавата со фотографии.
Роб Јетен, кој ја извршува функцијата премиер од февруари оваа година, е свршен со аргентинскиот репрезентативец во хокеј на трева, Николас Кинан – кој веќе неофицијално ја доби титулата „прв господин“ на нацијата.
Двојката е заедно од 2022 година, а нивната љубовна приказна започнала сосема случајно. Првпат се сретнале четири години претходно – во 2022 година – во еден супермаркет во Хаг.
Како што холандскиот премиер еднаш откри за медиумите, тоа била средба како од филм: „Се погледнавме во очи и веднаш почувствувавме поврзаност“.
По две години врска, двојката официјално ја објави својата свршувачка во ноември 2024 година.
Тие планирале да стапат во брак минатото лето, но свадбата била одложена поради новите обврски на Јетен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

















