Денеска, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше повикан претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи.

„На средбата беше изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна. Воедно, беше изразено незадоволство и од изјавата на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ, која ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции“, велат од Министерството.

Од таму велат дека од македонска страна било посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.

„Во тој контекст, беше укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием. На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна“, соопштија од Министерството.