Мирните протести против високите трошоци за живот во Италија прераснаа во насилни судири, слично како и во соседна Франција, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Најголемиот протест се одржал во Милано, каде што маскирани млади лица облечени во црно, на централниот плоштад Дуомо, фрлале пиротехнички средства кон полицијата и подигнувале барикади. Полицијата во почетокот била принудена да се повлече и да почека засилување, објави АНСА.
Судири меѓу демонстрантите и полицијата избиле и во други италијански градови, меѓу кои Торино, Болоња и Бергамо. Демонстрантите фрлале камења и пиротехнички средства кон полициските сили.
Само во Милано биле повредени најмалку четворица полицајци и 20 демонстранти. Во врска со немирите биле уапсени повеќе од 50 лица, од кои половината биле малолетници.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го осуди насилството. Немирите ги осуди и градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, кој, сепак, изрази разбирање за незадоволството на граѓаните.
„Причините за протестот беа разбирливи. Но, насилството врз полицијата и големата штета нанесена на градот не можат да се оправдаат“, порача Сала.
Според германската новинска агенција ДПА, лицата со ниски и средни примања во Италија се особено погодени од инфлацијата и високите цени на бензинот и дизелот. Дополнителен проблем во големите италијански градови претставува и сериозната станбена криза.















