Доколку вашите деца не сакаат да јадат здрава храна, тогаш во нивното мени треба да вклучите барем неколку производи што спаѓаат во суперхрана, за да им ги обезбедите неопходните нутриенти. И што е најважно, бидете сигурни дека некои од нив ќе им се допаднат. Во исхраната воведувајте им ги еден по еден, со различни начини на подготовка и сигурно некој од нив ќе им стане омилен.
Авокадо – ова е единственото овошје што содржи мононезаситени масти кои го намалуваат лошиот ЛДЛ-холестерол, за кој е познато дека може да му наштети на здравјето на срцето. Авокадото е одличен извор на растителни влакна кои ја спречуваат опстипацијата и го подобруваат метаболизмот. Сите знаеме колку влакната се важни. Исто така, богато е со витамин Е, за кој се верува дека го спречува создавањето на канцерогени заболувања. Бидејќи авокадото е прилично неутрално по вкус и со текстура, најмногу потсетува на путер, можете да го испасирате со малку лимон и јогурт или крем-сирење и да добиете одличен намаз.
Боровинки – овие мали слатки бобинки се многу богати со витамини, минерали и антиоксиданси, докажано го намалуваат холестеролот, ја подобруваат меморијата и се силни борци против одредени канцерогени заболувања. Не е важно дали се свежи или замрзнати, секако се здрави. Боровинките секогаш можете да ги испасирате и тоа пире да го додадете во мафини или во американски палачинки. Ако на вашите деца им се допаѓа нивниот вкус, тогаш помешајте ги со грчки јогурт и малку мед за здрава ужина.
Овес – оваа житарка има прилично благ вкус и својство да одржува здраво ниво на шеќер во крвта, па му помагаат на телото да се ослободи од лошиот холестерол и да го штитат здравјето на детето. Најдобар и наједноставен начин на децата да им понудите ваков производ е да направите овесна каша за појадок. Додајте малку мед и омиленото овошје на вашите деца. Сигурно ќе им се допадне.
Спанаќот е еден од најдобрите природни извори на железо, калциум, фолна киселина и витамини А и Ц, а сите тие се многу важни за растот и развојот на коските. Можете да го додадете во разни супи, одличен е во смути, а можете и да го „сокриете“ во тортилји, наместо зелена салата.
Батат или познат уште како „сладок компир“ до скоро кај нас не беше многу познат, но секако е зеленчук кој треба да се најде во исхраната на вашите деца. Богат е со витамини Б,Ц и Е, како и калциум, калиум и железо. Содржи комплексни јаглехидрати, кои помагаат во подобар метаболизам. Одличен е и за спречување на „паѓање на шеќерот“ во крвта, токму благодарение на тие комплексни јаглехидрати. Бататот можете да го подготвите на ист начин како и обичниот компир, можете да го додадете во крем-супи и чорби, или да направите помфрит кој поради изразито портокаловата боја на децата ќе им биде многу интересен и привлечен. Едноставно измијте го, излупете го, исечете го на поголеми резанки и наредете го во тепсија. Зачинете со малку сол и црн пипер, попрскајте маслиново масло и ставете го во рерна да се пече додека добие убава крцкава коричка, а внатре остане мек.
Лосос – оваа риба, како што сигурно ви е познато, содржи здрави масти познати како омега-3 масни киселини кои го намалуваат ризикот од срцеви заболувања. Тие нутриенти исто така го поправаат расположението и го спречуваат губењето на помнењето. Омега-3 масните киселини се многу важни за развојот на мозокот. Од лососот, за дечињата можете да направите рибни стапчиња, пржете ги на стандарден начин или наместо тоа можете да ги испечете во рерна. Послужете ги со омилениот сос на децата.
Јогурт – богат е со калциум и е добар извор на протеини. Јогуртот помага да им бидат цврсти и здрави коските и забите на вашите деца. Од друга страна, повеќето јогурти содржат и добри бактерии, кои се од големо значење за одржување на здравата микрофлора во цревата. Купете обичен јогурт и помешајте го со свежо или со замрзнато овошје или со малку мед. Не купувајте готов овошен јогурт, не е многу здрав.