Некогаш беа неизоставен дел од спалните соби, а денес најчесто можат да се најдат во старите плакари или кај бабите и дедовците. Станува збор за дебелите јоргани што се користеа во поранешна Југославија, чии навлаки често имаа голем отвор во форма на ромб на средината.
Иако многумина мислеа дека отворот служи како украс, тој всушност имал многу практична намена, пишува хрватски „Индекс“.
Јорганите некогаш биле полнети со волна или пердуви, поради што биле тешки и незгодни за местење. Отворот на средината овозможувал полесно ставање на јорганот во навлаката, како и негово рамномерно распоредување без постојано влечење и исправување на ткаенината.
Дополнителна предност била што јорганот помалку се поместувал во навлаката за време на спиењето.
За разлика од денешните навлаки, старите модели немале потреба од копчиња или патенти, што ја правело нивната изработка поедноставна и поевтина. Исто така, лесно се ваделе, переле и сушеле.
Со текот на времето, овие навлаки биле заменети со модерни модели, но за многумина останале препознатлив спомен од детството, студените зимски вечери и спиењето кај баба и дедо.

















