Бугарскиот премиер Румен Радев го поддржа договорот меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за испораките на руски дизел.
„Знаете кој е нашиот моментален проблем во Европа? Високите цени на горивата“, рече Радев по пристигнувањето на дводневниот самит на лидерите на ЕУ и додаде дека Бугарија го цени секој чекор што придонесува за намалување на цените на горивата и зачувување на конкурентноста, објави „Јуроњуз“.
САД ги ублажија санкциите за увоз на руски дизел до април 2027 година со цел да се овозможи спроведување на договорот.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави за „Јуроњуз“ дека договорот е „подарок“ за рускиот претседател Владимир Путин во време кога Русија го зголемува бомбардирањето на Украина.
Таа истакна дека Русија продолжува со нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура и оцени дека објавениот прекин на огнот не функционира.
Радев, исто така, ги критикуваше украинските напади врз руските рафинерии за нафта, наведувајќи дека се спротивставува на нападите врз енергетските капацитети, вклучително и руските напади врз електраните во Украина, бидејќи тие придонесуваат за зголемување на цените во Европа.
Европските лидери најмногу го поддржаа украинскиот претседател Володимир Зеленски, сметајќи дека нападите врз руските рафинерии му даваат предност на Киев во конфликтот со Москва.
Од неговата изборна победа на почетокот на годината, Радев се профилираше како еден од гласовите во ЕУ кои се спротивставуваат на сегашниот пристап кон руските напади врз Украина.
Тој претходно изјави за „Јуроњуз“ дека стратегијата на блокот за „мир со сила“ не успеала и ги повика европските лидери да се свртат кон дипломатијата со Кремљ, пренесува Танјуг.
















