Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денеска во својот кабинет го пречека Марко Топузовски, вработен во Општина Кисела Вода, кој неодамна оствари огромен спортски успех освојувајќи го бронзениот медал на Светското првенство во кинеско борење одржано во Италија.

На приемот присуствуваше и неговиот тренер Страшо Глигоров од спортскиот клуб „7-ми МАЈ ШУИ ЏИАО Скопје“.

На средбата се разговараше за предизвиците на големото натпреварување, огромниот вложен труд и спортскиот пат на Топузовски, кој претставува пример за успешно балансирање меѓу професионалните работни обврски и врвниот спорт.

„Особено ме радува што нашиот Марко е вистински пример за млад, вреден и одговорен човек кој успешно ги усогласува работните обврски во Општина Кисела Вода со спортската кариера. Неговиот успех покажува дека со упорност, добра организација и љубов кон она што го работиме, можеме да стигнеме до врвот. За Општина Кисела Вода е вистинска чест да биде ветер во грб и сопатник во вакви големи спортски приказни. Верувавме во неговиот потенцијал, а неговиот медал денеска е наша заедничка гордост. Горда сум на нашите колеги и сограѓани кои со својата работа, труд и успеси ги претставуваат Општина Кисела Вода и Македонија во најубаво светло. Продолжуваме да создаваме позитивен амбиент за нашите спортисти и заедно да се радуваме на нови победи“, изјави градоначалничката.