Париз планира да инвестира 200 милиони евра до 2032 година во проширување на велосипедската инфраструктура и подобрување на безбедноста на опасните крстосници, соопшти заменик-градоначалникот на француската престолнина.
Париз со години наназад ги преуредува своите улици за да обезбеди повеќе простор за пешаците и велосипедистите, пренесува агенцијата ДПА. Целта на новиот план за велосипедизам е да се создадат безбедни и поврзани рути низ целиот град, изјави во средата заменик-градоначалникот Емануел Грегоар.
Според новиот план, Париз има намера да изгради дополнителни 140 километри велосипедски патеки и да преуреди 220 километри еднонасочни улици, овозможувајќи им на велосипедистите да се движат во двете насоки. Понатаму, 420 крстосници ќе бидат редизајнирани со цел да се зголеми безбедноста на велосипедистите, наведува ДПА.
Градот исто така планира да распореди повеќе полициски службеници кои ќе го надгледуваат сообраќајот и ќе се грижат за почитување на прописите наменети за заштита на велосипедистите и пешаците.
Статистичките податоци покажуваат дека автомобилите биле вклучени во приближно половина од сите сообраќајни несреќи во Париз во кои учествувале велосипедисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.



















