Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, пратеникот Димитар Апасиев, денеска во својот кабинет во Собранието на Република Македонија оствари средба со претставници на Здружението „16 март 2025 – Кочани“.
„На средбата се разговараше за текот на судскиот процес против обвинетите за кочанската трагедија, како и за можностите за продолжување на собранискиот процес за утврдување на политичката одговорност за трагедијата, кој со месеци е заглавен во процедурални пречки. Беше отворено и прашањето за неделегирањето членови во специјалната Анкетна комисија од страна на владејачкото мнозинство и дел од опозицијата, со што се попречува нејзиното формирање и функционирање“, соопштија од Левица по средбата.
Апасиев потсетил дека по јавната седница на Постојаната анкетна комисија од 9 декември 2025 година, навремено ги доставил предлог-заклучоците до сите пратенички групи, со очекување тие да бидат разгледани и усвоени на продолжението на седницата. Сепак, како што велат од Левица, продолжението никогаш не било одржано, поради политичките калкулации на пратениците од власта.
„Собранието мора да ја исполни својата институционална обврска и да овозможи продолжување на процесот за утврдување на политичката одговорност за кочанската трагедија. Семејствата на загинатите и повредените заслужуваат одговори, а утврдувањето на одговорноста не смее да остане заложник на политички интереси и процедурални изговори“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.


















