Казино момчето Артан Груби излезе од куќен притвор, но е далеку од слободен човек, посочуваат од „Вреди“.
Според оваа партија, каков пазар да прави, колку и да ги користи старите врски на ДУИ во правосудството, подземните шеми, Груби уште долго ќе мора да се справува со неговите владејачки гревови.
„Има обвинение и без разлика колку е спремен Прпарим Бајрами да се жртвува за него, на Артан Груби ќе му виси тежок камен околу вратот. Цело раководство на ДУИ се уште се прашува зошто после една година во бегство тој сам се пријави на граница и доби само куќен притвор. Факт е дека истече максималниот рок во кој можеше да му се продолжува притворот. Факт е дека Артан Груби ќе може да се движи само во Скопје и ќе треба редовно да се чекира во Судот. Факт е дека за таа ограничена слобода на движење даде гаранција вредна 350 илјади евра како да се 100 денари.
Без разлика на театарот што му го направија десетина негови лојалисти со навивачка пиротехника, исплашениот и блед лик на „кингот“ говори многу без тој воопшто да изусти збор. Иако Бујар Османи во интервју се обиде да го излиже тоа што го исплука за Артан Груби во кампањата за локалните избори, сепак тоа не беше доволно. Мораше уште повеќе да се понижи и како поранешен шеф на дипломатијата стана навивач за човек кој е на црната листа на САД. Симптоматично, недостасуваше факелот на Али Ахмети кој во неколку наврати со изјави неуспешно се обиде да си ја припише како личен успех замената на куќниот притвор со поблаги мерки за неговиот поранешен најблизок соработник и некрунисан наследник.
Да не случајно Артан Груби добил задача да направи драматичен раскол во ДУИ?
Како и да е, ВЛЕН му посакува на Артан Груби добро здравје и кондиција“.
Од оваа партија додаваат дека со нетрпение ја очекуваат познатата комуникациска ароганција на Груби, со која, како што велат, со невиден успех го разјадуваше рејтингот на ДУИ.
„Се додека тој е слободен и дополнително ја отежнува неопходната кадровска реформа во ДУИ, за нас нема подобра и посилна гаранција за успех на ВЛЕН на било кои избори“.

















