Општинската организација на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија од Прилеп упати прашања до СДСМ во врска со историското значење на 11 Октомври и ставовите на партијата за антифашистичката традиција.

Реакцијата следува по маршот што СДСМ го организираше на 10 октомври низ улиците на Прилеп, во пресрет на Денот на народното востание.

Од прилепската организација на ЗНАМ прашуваат против кого пукнала првата пушка на 11 Октомври 1941 година – против бугарските администратори или против бугарските фашистички окупатори. Воедно, бараат од СДСМ да се изјасни дали ќе преземе одговорност и ќе се извини за, како што наведуваат, бришењето на формулацијата „бугарски фашистички окупатор“ од спомен-плочите и спомен-обележјата посветени на загинатите борци.

Од ЗНАМ поставуваат и прашање како СДСМ може да организира марш против антифашизмот, оценувајќи дека треба да се разјасни дали станува збор за политичка грешка или за отстапување од вредностите на македонската антифашистичка традиција.

Во соопштението се посочува и на инсистирањето на СДСМ за внесување на Бугарите во Уставот, при што од ЗНАМ сметаат дека треба да има јасни гаранции за заштита на македонските национални интереси.

Од прилепската организација порачуваат дека антифашизмот не смее да се користи како дневнополитичка реторика, туку треба да остане темел на македонската државност и вредност што произлегува од борбата за слобода.

Во пресрет на празникот, од ЗНАМ упатија честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, оддавајќи почит на Народноослободителната борба и на борците што се залагале за слободна Македонија.

Текстот ЗНАМ до СДСМ: против кого пукнала првата пушка на 11 Октомври – против бугарските администратори или против бугарските фашистички окупатори? е превземен од МАКФАКС.