Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, предупреди дека укинувањето на санкциите за рускиот дизел ѝ помага на Русија да ја финансира војната против Украина. Таа реагираше откако САД и Русија објавија дека постигнале договор за извоз на руско гориво.
„Суспендирањето на санкциите за рускиот дизел ѝ обезбедува на Москва дополнителни приходи за војување. Сега не е време за ублажување на притисокот врз Русија и Европа нема да го направи тоа“, напиша Калас на социјалните мрежи.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Русија се согласила да испорачува дизел на светскиот пазар за да се намалат цените на горивото. Потврди и дека неговата администрација привремено ги укинала американските санкции за руското гориво, воведени за да се намалат приходите на Москва за финансирање на војната во Украина.
Според соопштението на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин рекол дека Русија е подготвена да испорачува нафта и нафтени производи во САД и во остатокот од светот. Тој оценил дека тоа би било корисно за глобалната економија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ја осуди американската одлука, нарекувајќи ја „срамна“ и „слаба“. Тој предупреди дека таа ќе ѝ овозможи на Москва да продолжи да ја финансира војната против Украина.
Германија денеска порача дека ќе продолжи да ги спроведува санкциите против Русија, и покрај одлуката на Трамп.
„Сојузната влада ја прими на знаење одлуката на Соединетите Американски Држави што се однесува на испораките на руски дизел“, изјави портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус.
Тој нагласи дека германскиот став останува непроменет.
„Сојузната влада останува на одлуката за санкции против Русија и со европските партнери работи на дополнителни санкции“, додаде Корнелиус.
Цените на дизелот, кој се користи во земјоделството, за греење на домаќинствата и во патниот товарен транспорт, се искачија на нивоа блиску до рекордните.
Високите цени на горивото се политички проблем за Трамп и републиканците пред изборите за американскиот Конгрес на 3 ноември, на кои ќе се одлучува дали републиканците ќе го задржат тесното мнозинство во Конгресот.













