Германија нема да ги следи САД во привременото ублажување на санкциите за рускиот дизел, соопшти владата на канцеларот, Фридрих Мерц. Портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус, изјави дека Берлин ја примил на знаење американската одлука, но останува на својот став.

„Сојузната влада останува на одлуката за санкции против Русија и со европските партнери работи на дополнителни санкции“, рече Корнелиус.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, во петокот објави дека по разговорот со рускиот претседател Владимир Путин е постигнат договор за испорака на големи количества руски дизел на американскиот и светскиот пазар.

Според Трамп, Русија веднаш ќе испорача повеќе од 300.000 тони дизел, дополнителни 500.000 тони во ноември и уште еден милион тони потоа.

Американското Министерство за финансии издаде привремена дозвола за трговија со руски дизел до 7 април 2027 година. Станува збор за временски ограничен исклучок, а не за целосно укинување на санкциите кон Русија.

Потегот следува по силниот раст на цените на дизелот во САД, неколку недели пред изборите за Конгресот на 3 ноември. Трамп го претстави договорот како мерка за намалување на цените на горивото.

Корнелиус нагласи дека германската поддршка за Украина останува непроменета.

Текстот Трамп ги ублажи санкциите за рускиот дизел, Германија нема да го следи е превземен од МАКФАКС.