Во Собранието се гласаше за минимална плата од 600 евра на предлог на СДСМ. Пратениците на руската партија Левица не беа во салата. Не дадоа ниту еден глас. Токму на Светскиот ден на пристојна работа, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа кажа дека „за“ не гласале ниту ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, а во салата ги немало ни пратениците на ДУИ.
„За повисока плата гласаа само пратениците на СДСМ и коалицијата. Тоа не е некаква процедура. Тоа е доказ. Што стои во Програмата на Левица? Еве, во програмата на Левица велат дека стојат на страната на обесправените. Дека работничките права се безвредни и дека тие ќе ги бранат. Дека се единствената автентична партија за која унапредувањето на трудот е апсолутен приоритет. Пред избори ветуваа минимална плата на ниво од две третини од синдикалната потрошувачка кошница. Медијална плата. Исплата од први до седми. Дупла дневница за викенд и празник. Укинување на привилегијата за плати над 10.000 евра. Кога дојде закон за 600 евра минимална плата, Левица не гласаше“, рече Кузеска.
Таа вели дека оправдувања нема и побара од Левица да и кажат на јавноста зошто не гласале за законот.
„Левица е анти-ЕУ, анти-НАТО, анти-Америка. Руска партија, во земја каде Америка е стратешки партнер и каде околу 80 проценти од граѓаните го поддржуваат и НАТО и Европската Унија. Партија за ништо. Како таква партија да биде дел од влада што тврди дека оди кон Европа? Не може. Освен ако не ѝ треба на арамијата. За алиби. За да ги ситни опозициските гласови. За да му даде “ракавица в лице” кога ќе му снема пари за тендери, а да му даде алиби за избори. Второто прашање е потешко. Зошто партија што нема врска со СДСМ бара смена на раководството на СДСМ? И тоа заедно со претходни функционери што го донесоа катастрофалниот резултат во 2024, кога СДСМ ја загуби власта. Уште потешко. Луѓе од СДСМ што до вчера беа за НАТО, за Америка и за ЕУ седнаа на маса со луѓе што се против сè тоа. Со партија што НАТО го нарекува убиец“, рече Кузеска.
Таа вели дека Левица не е опозиција и кажа дека СДСМ гласале за плата за работниците и порача дека власта ќе се врати во рацете на народот.















